Манчестер Јунајтед прв тргнал по потписот на Меси

Аргентинскиот интернационалец Лионел Меси сериозно размислува да ја напушти Барселона и да се нафати на друг предизвик во фантастичната кариера. По дебаклот (2-8) на каталонскиот гигант од Баерн Минхен во Лигата на шампионите, Меси најавил дека сака да замине, а наводно тоа треба и официјално да го соопшти на јавноста во наредните неколку дена, откако му ставил до знаење и на новиот тренер Роналд Куман во првиот разговор по неговото доаѓање на „Камп Ноу“.

Интер и Манчестер Сити се споменуваа како можни дестинации за Лионел Меси, тука секако е и пребогатиот Пари Сен Жермен, но англискиот премиерлигаш Манчестер Јунајтед прв тргнал по потписот на Аргентинецот. Како што наведува шпанскиот медиум „Deportes Cuatro“, Јунајтед најавил дека е сериозно заинтересиран за ангажман на Меси и побарал дозвола за да разговара официјално со агентот на аргентинскиот фудбалер.

Според договорот со клубот, Лионел Меси има отштетна клаузула од 700 милиони евра, но Манчестер Јунајтед се надева дека за околу 300 милиони евра би можел да добие согласност за разговори со самиот фудбалер. Оваа неверојатна сума, наводно раководството на „црвените ѓаволи“ е подготвено да ја плати за да го направи најголемиот трансфер во историјата на фудбалот.

Покрај Јунајтед, градскиот ривал Сити се обидува да го наговори Меси да дојде на „Итихад“ преку Пеп Гвардиола и неговиот одличен пријател, сонародникот Серхио Агуеро. Интер исто така е во сериозна игра, а италијанските медиуми пишуваа дека и Јувентус е во мисија да се обиде да ги спои Кристијано Роналдо и Лионел Меси.

Се вчитува...