Манчини не го менува тимот што победува: Ова се избраните единаесетмина за Македонија

Селекторот на италијанската репрезентација, Роберто Манчини, веќе на првиот собир и прес-конференцијата јасно стави до знаење дека во овие бараж-натпревари нема да експериментира со составот, туку дека „аѕурите“ веќе имаат база која се покажала како победничка и која ќе добие предност и на дуелите со Македонија, и подоцна против Португалија или Турција.

Ова практично значи дека кормиларот на „аѕурите“ ќе стартува со речиси целиот тим што беше стандарден за време на ЕВРО 2022, со исклучок на фудбалерите кои се повредени.

Донарума ќе стартува на голот, а на десен бек Флоренци ќе добие шанса пред Де Шилјо, во ситуација кога Ди Лоренцо е повреден. Спинацола веќе подолго време е „во аут“, што ќе значи нова шанса на лев бек за Емерсон Палмиери, додека Ачерби ќе биде замената за Бонучи во срцето на одбраната. Единствената дилема е дали крај Ачерби ќе се појави искусниот Кјелини, кој и самиот неодамна се врати од повреда, а Манчини вчера изјави дека „тој најверојатно нема да може да биде стартер и на двете средби во март“. Доколку Кјелини почне од клупата за резерви, тоа ќе значи шанса од првата минута за Бастони од Интер.

Кога станува збор за средниот ред, тука нема премногу дилеми, Жоргињо ќе ја има улогата на последен играч за врска, а нешто пред него ќе делуваат Верати и Барела.

Во напаѓачкото трио ќе недостига Киеза, чие место од првата минута ќе му припадне на Берарди од Сасуоло. Чиро Имобиле ќе биде најистурен во нападот на Италија, а лево од него ќе дејствува капитенот на Наполи, Лоренцо Инсиње.

Се вчитува...