Манчини: Судбината ме врати, сакам уште најмалку еден трофеј како селектор на Италија

Роберто Манчини и официјално се врати на клупата на италијанската репрезентација, стратегот што триумфираше на ЕВРО 2020 со „аѕурите“ денеска потпиша четиригодишен договор и се појави пред новинарите.

Без да биде прашан директно, Манчини веднаш отвори со начинот на кој си замина од кормилото пред три години, кога ја шокираше јавноста по дадената доверба по изненадувачкиот пораз од Македонија во баражот, неколку месеци подоцна заминувајќи од функцијата за да стане селектор на Саудиска Арабија.

„Да ве поштедам од труд затоа што знам дека сите сакате да ме прашате за тоа – она што се случи пред три години беше недоразбирање меѓу мене и тогашниот претседател на федерацијата. Сигурен сум дека ако се видевме лице в лице ќе останев селектор, но се случија работи што ме натераа да си заминам. Тоа не е важно за мене во моментов, судбината придонесе да се вратам и среќен сум поради тоа. Почнуваме од почеток, од нов систем, сакам сите млади репрезентации да играат иста формација како и А-тимот, тоа е процес што ќе трае, но исто така и процес што дава резултат. Потпишав на четири години, се надевам дека во овој период ќе освојам најмалку уште еден трофеј како селектор, па ќе останам уште подолго на кормилото“, изјави Манчини.

На истата прес-конференција промовиран беше и Клаудио Раниери – за нов технички директор на репрезентацијата.

„Пак ја прекинав пензијата. Дали сопругата ќе се лути? Ако ништо друго барем овојпат нема да мора да се сели, така што нема да биде лута“, почна со шега легендарниот италијански стратег, па продолжи со посериозен тон: Две работи се круцијални – првата е луѓето повторно да се вљубат во фудбалот, втората е деца како мојот внук од 12 години да ја гледаат Италија на светското првенство, уживање што внукот досега не го почувствувал во животот“, прокоментира Раниери.

Се вчитува...