ЕКИПА во Палермо, Италија
Владимир Булатовиќ
Без разлика колку и да италијанската репрезентација ја носи огромната фаворитска улога на вечерашниот дуел со Македонија во полуфиналето од баражот за пласман на СП 2022, сепак е јасно дека натпревар од ваков тип во голема мера ќе го одлучуваат и тактичките надмудрување на предводниците од клупата.
Без разлика колку и да медиумите од двете земји веќе ги насетуваат почетните состави за пресметката во Палермо, јасно е дека и Манчини и Милевски секогаш во својот ракав криеле адут кој тешко се претпоставувал и од фудбалските аналитичари и до самиот почеток на натпреварите на италијанската односно македонската репрезентација. Таков беше Манчини на ЕВРО 2020 на кое стигна до европската титула, таков беше и Милевски низ дуелите во квалификациите за СП преку кои стигна до баражот со европскиот шампион.
Токму затоа, во фокусот на вечерашниот натпревар на „Ренцо Барбера“ ќе биде и „мегданот“ на двата селекторски дефтери.
БЛАГОЈА МИЛЕВСКИ
Милевски, ако ги прашате соработниците со кои работел досега но и сите играчи кои биле под негова команда, е прецизен до најситните детали кога се работи за фудбалот. Без желба ништо да се остави на случајот. Сето тоа го носи и од играчките денови, a пренесено и во тренерската кариера. Кога се работи за професионалниот пристап кон работата, кога се работи за одлуките поврзани со фудбалот, кога се работи за одговорноста која ја носи кон функцијата која ја извршува тогаш не е подготвен на компромис – со никого. Воден од максимално професионалните принципи и ги одведе младите кон ЕП 2017, и кога никој тоа не го очекуваше. Сега пишува нова историја со баражот за СП 2022 со сениорската селекција.
Безрезервен е приврзаник на спортскиот живот и откако ја завршува играчката кариера, вљубеник во велосипедизмот, а неразделен од долгогодишното хоби – одгледување ретка раса на кучиња.
РОБЕРТО МАНЧИНИ
Манчини, како што го опишуваат Италијанците, ви е еден вид – „Двајца мажи во едно“. Како играч, тој беше неверојатно талентиран, но познат по комплицираниот карактер кој не му дозволувал да прави компромиси. А, тоа, пак, секогаш го носи до успеси. Во тоа е донекаде и сличен со македонскиот селектор. Во изминатите неколку години, тој пак покажа зен-пристап. „Само што остарев“ – ќе рече.
Неговата католичка вера како што нагласуваат во Италија го прави уште поцврст и посигурен во себе. Манчини често го посетува популарниот аџилак Меѓугорје во БиХ и е приврзаник на Дева Марија. Човек со стил, во минатото го дизајнирал и дресот на Сампдорија, истовремено поставувајќи тренд со неговите елегантни, шарени шалови како менаџер. Негова нескриена страст сега е падел, популарен спорт во Италија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА