„Мане повеќе не изнудува пенали за Салах да не постигнува голови“

Легендарниот фудбалер на Ливерпул, Мајкл Овен, смета дека постои големо ривалство помеѓу Мохамед Салах и Сади Мане и дека тоа може да се види од однесувањето на теренот. „Црвените“ се наоѓаат во голема криза. За прв пат во историјата, Ливерпул забележа пет последователни порази на „Енфилд“ во Премиер лигата, а на досегашните шест натпревари на домашен терен, постигнаа само еден гол и тоа од белата точка.

Голема одговорност за оваа криза носат пред се’ Садио Мане и Мохамед Салах, најдобрите стрелци на тимот во последните години. Во нивната врска, Овен гледа проблем и особено забележа една ситуација во поразот од Челси (0-1).

„Не можам да верувам дека Мане не падна (по дуелот со Андрес Кристенсен во казнениот простор)… Добро, тоа беше добар прием и тој веројатно мислеше дека може да постигне гол. Но, тој направи нешто слично неодамна против Шефилд. Само се прашувам дали тоа е затоа што Салах е првиот изведувач на пенали. Можеби Мане мислеше дека Салах ќе добие шанса да постигне нов гол, доколку тој падне и биде досуден пенал. Сведоци сме дека двајцата веќе неколку сезони бркаат статус на најдобар стрелец“, изјави поранешниот напаѓач на ‘црвените’.

Свесен дека таквата теорија е во најмала рака чудна, но Англичанецот ја поддржува со конкретни примери.

„Можеби ова е малку луда теорија, но тие двајца имаат огромен натпреварувачки дух. Веќе видовме ситуации кога тие не сакаат да ја додаваат топката едни на други кога се наоѓаат во шанси за гол. Видовме себичност и малку незадоволство во нивните реакции. Така ми помина низ главата оваа теорија, бидејќи веќе го видов Мане како паѓаше претходно во вакви ситуации“, додаде Овен.

Се вчитува...