Марк Маркез се враќа на трката за ГН на Арагон

Осумкратниот светски шампион Марк Маркез претстојниот викенд ќе вози на Големата награда на Арагон, што ќе биде негова прва трка по четвртата операција на раката.

Од јапонскиот тим истакнаа дека целта на Маркез во Арагон е да продолжи да работи на физичката подготвеност потребна за возење мотор, како и да ја процени неговата состојба при интензивна работа, што е можно само за време на тркачкиот викенд.

Маркез заработи тешка скршеница на надлактицата при удар на првата трка од сезоната 2020 во Херез, поради што се врати на патеката дури во април минатата година. Во 2021 година, Шпанецот оствари три победи и покрај проблемите со повреди, но предвреме ја заврши сезоната поради обновениот проблем со видот што го мачеше години порано. Иако ова ја доведе во прашање неговата понатамошна кариера, тој ја започна сезоната, но пропушти две трки поради потрес на мозокот што го доживеа во Индонезија.

Од почетокот на оваа сезона, најдобриот резултат на шпанскиот мотоциклист на шесте трки што ги возеше беше четвртото место во Херез.

Се вчитува...