Марка: Зидан е минато, Флорентино веќе го има наследникот

Зинедин Зидан ги брои последните денови како тренер на Реал Мадрид откако францускиот стратег и самиот донел одлука да го напушти кормилото на „кралевите“, уште пред управата на најтрофејниот клуб да му врачи отказ. Мадридскиот весник „Марка“, кој важи за најдобро упатен во случувањата во Реал Мадрид смета дека веќе е начелно договорен и спогодбен прекин на соработката, бидејќи Зидан има уште една година од договорот.

Со оваа спогодба, Перез би му исплатил на Французинот значително помала сума од онаа што би морал да ја плати ако му врачи отказ, по што Флорентино веднаш ќе може да именува нов стратег. Според „Марка“, тоа прашање ќе биде експресно решено, со ангажманот на Раул Гонзалeс за нов шеф на стручниот штаб на „кралевите“. Во игра беа и Алегри, па дури и Конте (доколку се случи да си замине од Мадрид), но Перез е решен да му даде шанса на Раул, како што тоа своевремено го стори и со Зидан, кој по неколку години работа со втората екипа почна да го води првиот тим на Реал.

Раул Гонзалес веќе неколку сезони е предводник на Реал Кастилја, тим со кој лани го освои трофејот во младинската Лига на Шампиони, а сезонава е на чекор до промоција во повисок ранг на натпреварување. Шпанецот имаше две интересни понуди, од Шалке и од Ајнтрахт, но двете ги одби како јасен знак дека очекува да добие шанса во Реал, нешто што му беше сигнализирано и од самиот Флорентино Перез.

Се вчитува...