Маркез: Тешко е да се прифати дека другите се побрзи од тебе

Шпанскиот мотоциклист Марк Маркез призна дека се плашел дека нема добро да заздрави и да има „нормална“ рака по повредата што ја заработи во Херез минатата година.

Возач на Хонда доживеа тешка несреќа на почетокот на минатата сезона, по што веднаш ја оперираше надлактицата. Тој брзо се обиде да се врати на вистинскиот пат, но се појавија дополнителни проблеми што го натераа повторно да посети хирург.

Поради сето тоа, тој паузираше девет месеци и се врати на трката во Португалија овој април.

„Помотивиран сум од кога било, бидејќи за првпат во кариерата се соочив со таква тешка ситуација. Во вакви моменти, треба да покажете потенцијал. Кога работите одат добро, сите се среќни. Но, кога е тешко, тогаш треба да се борите. Најлесно би било да застанете, а потоа да се вратите за една или две години кога се’ ќе биде во ред. Но, тоа не е мој стил. Сакам да страдам за да напредувам и да се вратам што е можно поскоро. Уживам во мотоциклот“, рече Марк.

Маркез откри дека во еден момент мислел дека нема целосно да се опорави.

„Се плашев дека раката нема да закрепне, дека нема да имам нормална рака. Во еден момент, во октомври или ноември, кога не можев да кренам шише со вода, бев преплашен. Тешко е да се прифати дека другите се побрзи од мене, но морам да разберам каде се наоѓам и во која насока се движам “, изјави Марк.

Шпанецот во моментов е 11-ти на табелата во шампионатот Мото ГП со 59 бода. Тој го постигна најдобриот резултат сезонава на ГН на Германија, каде што стигна до својата прва победа по 19 месеци.

 

 

 

Се вчитува...