Маркез во последниот свиок за триумф во Тајланд и осма титула светски шампион!

Марк Маркез е старо-нов светски шампион во Мото ГП откако триумфираше на трката за Големата награда на Тајланд.

Во фантастична трка Маркез во последниот свиок го престигна Фабио Куартаро кој ќе мора уште да почека на својата прва победа во кариерата. Трет низ целта мина Маверик Виналес, додека Андреа Довициозо беше четврти. Валентино Роси заврши на дури осмата позиција.

За Маркез ова беше деветта победа сезонава и вкупно 79-та во кариерата со која ја осигура осмата титула – светски шампион.

26-годишниот Шпанец е најмлад возач во историјата на овој спорт кој освои осум титули – во класата 125цц во 2010 година, во Мото 2 во 2012 година и шест во Мото ГП – 2013, 2014, 2016, 2017, 2018 и 2019 година.

Следната година ќе има можност да го стигне Валентино Роси по бројот на титули. Италијанецот се уште е најдобар во светот со девет шампионски титули.

Се вчитува...