Марко Митев во солзи – трогателно потсетување на Марко Божиновски: „Беше мојот брат…, долго бев во депресија…“ (ВИДЕО)

Во најновата епизода на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА.МК гостуваат двајца од новите предводници на македонскиот ракомет, членовите на РК Алкалоид, Марко Митев и Иван Галевски.

Во разговор полн и многу емоции, Марко Митев неизбежно се потсети и на својот голем другар, негов брат како што вели, Марко Божиновски кој неочекувано почина пред точно пред пет години, како последица на миокардитис.

Божиновски, заедно со Митев, играа за Бутел, а беше незаменлив дел и од младинската репрезентација на Македонија, огромен потенцијал кој без сомнение цврсто чекореше и кон сениорската селекција. Затоа Митев низ солзи во „ПРЕСИНГ“ нагласува дека сите тие денес играат и за Марко, посакувајќи во иднина најголемиот успех на македонската репрезентација да биде само за него!

„Ние 24/7 бевме заедно и надвор од ракометот. Игравме заедно и во Бутел. Ќе го паметам по тоа што ме сакаше како негов помал брат. Искрено, тој беше две години постар од мене, ме сакаше баш како помал брат ме гледаше. Што и да ми требаше сè завршуваше за мене. Вечерта пред да се случи тоа ние бевме заедно. Се беше така неочекувано… Не знам, после јас месец дена, како да кажам, не, не ми се…. како во депресии да паднав. Ти недостасува секој ден некој човек што го сакаш, и одеднаш даго нема тој човек, не ти е сеедно. Јас месец дена после тоа не можев да се свестам, не знаев што се случува всушност“ – вели во трогателното потсетување Марко Митев и дополнува:

„Но, еве овие години како поминуваат, знам дека секогаш е со нас и дека гледа што се случува, и знам дека, каков карактер беше, тој и од горе не прати и е многу среќен за ова ние што го правиме сега. Еден ден дај Боже кога ќе направиме некој успех со репрезентацијата, тој пехар ќе е посветен само за него лично“.

ГЛЕДАЈТЕ ГО ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ СО МАРКО МИТЕВ И ИВАН ГАЛЕВСКИ НА СЛЕДНИОТ ЛИНК

Се вчитува...