Марко Симоновски се договори со Кожув

Кожув заврши одлична работа осигурувајќи го потписот на Марко Симоновски, кој во новата сезона ќе го носи дресот на прволигашот од Гевгелија. Македонскиот репрезентативец беше без ангажман по раскинот на договорот со МЗТ Скопје, во текот на летово доби понуди од речиси сите прволигаши, за на крајот да постигне целосен договор со раководството на Кожув.

„Задоволни сме што ангажираме еден стандарден репрезентативец, играч со огромно исксутво од АБА-лигата и од европските натпреварувања. Знаеме се за неговите квалитети, се надеваме дека Симоновски експресно ќе се врати во посакуваната форма и ќе одговори одлично на новиот предизвик. За мене тој несомнено е еден од најдобрите шутери во Македонија и во комбинација со Караџовски и со Пајиќ сигурно ќе претставуваме проблем за сите ривали во домашното првенство“, изјави тренерот на Кожув, Алек Јончевски за ЕКИПА.

Прволигашот од Гевгелија претходно ги доведе и Американците Џошуа Скот и Ентон Максвел, потоа хрватскиот центар Антун Маричевиќ, Шалев од Академија ФМП, како и Бешлиоски. Во однос на ланскиот ростер Кожув успеа да ги задржи Караџовски и Пајиќ, а тимот го напуштија Трајковски и Стајиќ, кои во пакет заминаа во Пелистер.

Се вчитува...