Оклахома, ЛА Клиперс, Торонто, Бостон и Јута остварија победи изминатава ноќ во НБА лигата.
Оклахома го надигра Њу Орлеанс победувајќи со 118-110 предводен од Расел Вестбрук кој стигна до нов „трипл-дабл“ од 41 поен, 11 скока и 11 асистенции. На Пеликанс не им помогна ниту одличната партија на најдоминантниот центарски тандем Ентони Дејвис и Демаркус Казинс. Дејвис мечот го заврши со 38 поени, додека Казинс имаше 31 поен и 10 скока.
Во мечот на вечерта ЛА Клиперс славеа против Шарлот дури по продолжението со 124-121. Шарлот надополни 17 поени дефицит и се избори за дополнителен период со тројката на Кемба Вокер на 12 секунди пред крајот. Но, немаа решение за Блејк Грифин кој постигна 43 поени со 10 скока и пет асистенции. Вокер ги предводеше Хорнетси со 34 поени, а Никола Батум дополни со 31 поен.
Бостон победи против Детроит со 104-98 со пет поени во низа во завршницата од мечот. По обичај посебно се истакна Ајзеа Томас со 33 поени, а по 14 поени постигнаа Смарт и Краудер.
Торонто беше подобар од Портланд славејќи со 112-106, надополнувајќи 12 поени дефицит во текот на првото полувреме, а ги предводеше Демар Дерозан со 33 поени и шест скока. „Дабл-дабл“ имаше Серж Ибака со 18 поени и 10 скока, 15 поени дополни Јонас Валанчунас.
Најефикасен кај Портланд беше Демијан Лилард со 28 поени, дополнето со осум асистенции и седум скока, а го следеа Мо Харклес со 18 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА