Матијашевиќ на 15 дена пред ЕП: Нападот ни е оружје, а приемот главен проблем

Селекторот Никола Матијашевиќ имаше можност да ги види на дело сите одбојкари во овој подготвителен период, за да го избере најдоброто за националниот тим за претстојниот настап на европскиот шампионат во Љубљана. Искусниот стратег генерално е задоволен од играта во напад што ја прикажуваме, а како главен проблем на нашиот национален состав го потенцира приемот на сервисот, нешто што беше особено очигледно на двете контролни средби со Шведска.

„Не сум задоволен со квалитетот на играта против Шведска. Имавме лош прием, тие доминираа во сервисот и тоа не смее да ни се случува. Наш најсилен елемент е нападот, а доколку немаме добар прием не можеме да организираме напад, немаме прво темпо, едноставно не можеме да играме. Јас дури мислев дека ќе биде полошо на вториот натпревар со оглед на отсуството на капитенот, но блокот беше подобар, па бевме рамноправни, истакнува Матијашевиќ.

Одбојкарите утрово тренираа во сала за кревање товар, а попладне ќе работат со топка, но Матијашевиќ се уште има дилеми како да ги дозира подготовките, затоа што некои играчи се уште се жалат на повреди.

„Никола Ѓорѓиев е во ред, саниран е отокот на квадрицепсот поради којшто не играше на втората контрола со Швеѓаните, но либерото Дарко Ангеловски има стомачен вирус. Претходно со таков проблем се соочи Васе Михаилов, а Филип Маџунков се жали и на коленото и на рамото, но болките не беа од таква природа за да одмора против Шведска“, објаснува македонскиот селектор.

До Европското првенство во Франција, Холандија, Белгија и во Словенија има уште 15 дена, а покрај во тренажниот процес, македонската репрезентација има простор за корекции на уште четири пријателски натпревари. В петок и в сабота во салата „Кале“ во Скопје ќе биде одржан традиционалниот 43-ти турнир „Бранко Хаџииљоски Чајка“ на којшто гости ќе бидат Белгија, Бугарија и Украина.

Во полуфиналето в петок, од 17 и 30 македонскиот национален состав ќе игра со Украина, а од 20 и 15 ќе се сретнат Бугарија и Белгија. Во истите термини в сабота се планирани мечот за третото место и финалето. Потоа, на 6-ти и на 7-ми септември ќе и гостуваме на Австрија во Сент Полтен, а на 12-ти во арената „Стожице“ ќе го одиграме првиот натпревар на Европското првенство против селекцијата на Финска.

Се вчитува...