Мбапе сака да замине во Реал Мадрид, но единствен проблем е Азар

Килијан Мбапе, „убиствениот“ напаѓач на ПСЖ, е цел на Реал Мадрид и се верува дека „кралевите“ ќе се обидат да го купат по секоја цена на крајот на сезоната. Тимот од Мадрид е подготвен да се врати на европскиот трон, а Флорентино Перез се подготвува да создаде нов „галактикос“. Новите фудбалски ѕвезди ќе бидат предводени од Мбапе, кој ќе биде главната надеж на Реал во следните десет години, нешто што пред една деценија беше случај со Кристијано Роналдо.

Сепак, доаѓањето на Мбапе би предизвикало одредени проблеми во Реал. Поточно, Мбапе има услов да игра исклучиво на позицијата лево крило, а таа позиција моментално ја покрива Еден Азар, кој беше купен во јули 2019 година од Челси за повеќе од 100 милиони евра. Белгиецот не ги исполни очекувањата на „Сантијаго Бернабеу“, но како најскапо засилување во историјата на клубот, тие не сакаат да се откажат толку лесно од него, а од друга страна, Мбапе не прифаќа да игра како десно крило.

Мбапе исто така јасно му стави до знаење на сегашниот тренер на ПСЖ, Маурисио Покетино, дека тој игра само на левата страна, каде Французинот е навистина најдобар. Сега е тешко да се очекува дека Азар ќе ја прифати улогата на резерва и тешко е да се справи подеднакво добро на друг дел од теренот и во друга улога. Неговото заминување тогаш би било неизбежно, но Реал верува дека има доволно простор во овој тим и за двајцата фудбалери.

Се вчитува...