Меч на генерацијата: „Да се биде или не за Македонија“ во Талин

Македонската кошаркарска репрезентација попладнево (17.30 часот) против Естонија во Талин го игра клучниот натпревар во претквалификациите за СП 2019. Пораз на домашен терен токму од Естонците целосно им ја искомпликува ситуацијата на нашите кошаркари, кои мораат да слават денеска за дефинитивно да обезбедат пласман во главните квалификации. Пораз ќе значи чекор до тотално фијаско, со оглед на фактот дека Естонија во последното коло во меч без никакво значење за оваа селекција ќе гостува во Косово, натпревар на кој победа на домаќините ќе значи и бришење на Македонија од репрезентативната кошаркарска мапа на Европа во следните неколку години.

Стартот на овој квалификациски циклус беше очаен за „црвено-жолтите“, но одличното второ полувреме и победата над Косово во Скопје го кренаа оптимизмот дека денеска можат да се израмнат сметките и со селекцијата на Естонија.

„Ние самите се победивме од Естонија, исто како што самите се победивме и во Приштина. Знаеме дека сме поквалитетни, но и свесни дека мораме тоа да го покажеме на терен. Квалитетот на Естонците е што тие играат во исто темпо 40 минути, очекувам да биде одработен добар скаутинг и во следните неколку дена да се подготвиме тактички за да ги неутрализираме нивните напади. Како што реков, ние сме подобри од Естонија, сега ни останува тоа да го покажеме на нивни терен во Талин и да го обезбедиме местото во главните квалификации за СП“ – истакнува Александар Костоски.

Македонија го загуби првиот меч со 76-80, на дуелот во Скопје промашувајќи дури 15 слободни фрлања и прокоцкувајќи ја предноста од 29-17 што нашите кошаркари ја имаа по првата четвртина.

„Јас најмалку шест пати го гледав првиот меч со Естонија, ние не одигравме толку лошо како што покажа резултатот. Противникот повторно ќе се обиде да диктира темпо со шутеви од далечина. Ние ниту еден меч не сме шутирале тројка со посериозен процент, на Бога со камења не сме фрлале, зошто да не токму во Талин да шутираме со 40% од далечина и со тоа да направиме огромен чекор напред кон триумф“ – вели селекторот Јорданчо Давитков.

Се вчитува...