Меч на колото во ЛШ – Талески со Рајн Некар Левен на гости кај Вардар

Со победничка серија од три победи по ред, Вардар денеска (17.30 ч.) го пречекува Рајн Некар Левен и Филип Талески,  во натпреварот од 4.коло во групата А од Лигата на шампионите. Ова е нивна деветта меѓусебна средба во најсилното европско натпреварување во кое македонскиот и германскиот тим играат меѓусебе веќе пет сезони по ред.

На досегашните осум средби, Вардар има пет победи, два пати триумфирал Рајн Некар Левен, а еден натпревар завршил нерешено. Во ланската сезона во ЛШ, во Манхајм беше нерешено 21-21, а во Скопје „црвено-црните“ славеа со 30-26.

Рајн Некар Левен е еден од ретките тимови што успеале да му земат бодови на Вардар на домашен терен и тоа во шампионската 2016/2017 . Вардарци ги победија во Германија (27-33), а „лавовите“ се реваншираа во Скопје (26-29).

Сезонава и кај македонскиот и кај германскиот тим има значителни промени во составот, но стилот на игра во принцип, останува  ист.

Играме против одлична екипа составена од многу квалитетни ракометари. Знаеме дека ќе биде тешко бидејќи имаат многу различни варијанти во играта. Фокусирани сме на натпреварот и мора да се обидеме да одиграме најдобро што можеме и да дојдеме до нов добар резултат. Играат добро одбрана „6 на 6“, знаат да одиграат  добро и „7 на 6“, тие се меѓу најдобрите во таа формација. Клучна ќе биде играта во одбраната“ – потенцираше тренерот на Вардар, Роберто Парондо.

За разлика од максималните три победи кои го сместија Вардар на врвот на табелата во групата, Рајн Некар Левен по првите три кола има две победи против Барселона и Мешков Брест и еден гостински пораз од Кјелце.

Во Бундеслигата, „лавовите“ имаат шест победи и едно реми. Два дена пред гостувањето во Скопје, избраниците на тренерот Николај Јакобсен имаа тежок натпревар против Гумерсбах во Бундеслигата во кој на крај победија со 30-24, а на теренот блесна македонскиот репрезентативец, Филип Талески. Веднаш после натпреварот со Гумерсбах, тимот на Рајн Некар Левен отпатува за Франкфурт, преноќија во аеродромскиот хотел и продолжија да Скопје.

„Ако играме против Вардар како што игравме во првото полувреме против Гумерсбах, нема да имаме никакви шанси. Во моментов се уште немаме константност во текот на целиот натпревар. Ни недостасува стабилност бидејќи се уште сме во фаза на интеграција на новите играчи и се обидуваме да се обединиме“ – изјави Јакобсен пред  дуелот со Вардар.

Дуелот меѓу Вардар и Рајн Некар Левен од ЕХФ е избран за меч на колото во Лигата на шампионите.

Се вчитува...