Мега замена на повидок – Гризман назад во Атлетико, Феликс во Барса

Барселона се подготвува за пеколно лето во кое голем број на фубалери ќе заминат од „Камп Ноу“, а ќе продолжи смената на генерации за враќање на сјајот на каталонскиот клуб. Еден од оние трансфери кои можат да донесат тектонски промени на Пиринејскиот полуостров е размената на играчи помеѓу Атлетико Мадрид и Барселона во која Антоан Гризман би се вратил во Мадрид, а на спротивната страна би заминал Жоао Феликс.

Овој трансфер е далеку од реализација, но идејата е родена и веќе е топ тема во шпанските медиуми. Жар на огнот додаде и претседателот на Атлетико, Енрике Серезо кој во интервју изјави дека би сакал Французинот да се врати во главниот град.

„Гризман е величествен фудбалер. Се надевам дека ќе го вратиме, но не сум сигурен дека Барса сака да го продаде. Тој е елитен играч, секој клуб би полудел за него. Покрај тоа тој е и мој голем пријател“, рече Серезо.

Гризман оваа сезона конечно се адаптираше на „Камп Ноу“ и забележа 19 гола и 12 асистенции, но сепак останува впечатокот дека не е на нивото на Нејмар и Луис Суарез, поготово кога станува збор за играч за кој Барселона плати 126 милиони евра.

На спротивната страна пак ни Феликс не ги исполни очекувањата. Играчот кој „јорганџиите“ го платија 120 милиони евра, добро ја започна оваа сезона, но повторно падна во втор план кај Симеоне. Тренерот еднаш изјави дека ‘Без желба, талентот не е доволен’, но Португалецот беше „виновникот“ за пресвртот против Осасуна кој го донесе мадридскиот клуб на чекор до титула.

Финансиските проблеми со кои се соочува Барселона нема да му дозволи на каталонскиот клуб скапи засилувања во летниот период па доколку оваа размена се реализира би била „глава за глава“, како онаа помеѓу Пјаниќ и Артур. Единствена пречка која се јавува во овој однос е платата на Французинот која изнесува 20 милиони евра по сезона, за разлика од онаа на Португалецот која е помеѓу 7 и 8 милиони евра.

Се вчитува...