Мекиќ: Гордост е да се игра за Македонија

Македонската кошаркарска репрезентација ги продолжува подготовките за претквалификациите за СП 2019, кои ќе стартуваат на 2 август со гостувањето во Приштина против Косово. Одличниот настап и трите победи во низа на „Трофеј Македонија уште повеќе ја зголемија самодовербата кај нашите репрезентативци, кои со нетрние го очекуваат стартот на претквалификацискиот циклус. Еден од оние кои пријатно изненадија на претходните натпревари во СЦ „Борис Трајковски“ беше Адем Мекиќ, младиот кошаркар на МЗТ Скопје кој целосно ја оправда довербата на селекторот Давитков, со својата борбеност внесувајќи пред се огромна енергија во играта во одбрана.

Секако дека сум задоволен, но пред се благодарен што добив шанса да ги покажам своите квалитети и во репрезентативниот дрес. Гордост е за еден млад играч да биде дел од националниот тим, јас не сум исклучок, а тоа ми е само мотив повеќе да покажам колку вредам, крај поискусните и поквалитетните кошаркари во репрезентацијата од кои имам што да научам. Задоволен сум од прикажаното, но верувам дека можам да дадам уште повеќе. Најважно од се ми е што играм и добивам солидна минутажа, тоа е единствениот начин за да напредувам“ – истакнува Мекиќ.

Тој за своите настапи на „Трофеј Македонија“ доби пофални зборови од соиграчите, пред се од Ѓорѓи Чековски кој не штедеше комплименти за членот на МЗТ Скопје.

Секако дека многу значи кога играч со искуство и квалитет како Чековски ќе ти упати комплимент. Тоа ми е само мотив повеќе за да продолжам со напорна работа и да помогнам во тоа што ќе се побара од мене во репрезентацијата“ – вели Мекиќ.

Атмосферата во националниот тим е одлична по победите над Португалија, Холандија и БиХ, а пред дуелот со Косово „црвено-жолтите“ ќе имаат уште една контрола, во Ботевград против селекцијата на Бугарија.

Атмосферата беше одлична од самиот почеток на подготовките, но овие победи само уште повеќе ни ја зголемија самодовербата. Тренираме напорно и се подготвуваме за она што следи, бидејќи сме свесни дека победите од минатиот викенд нема да значат буквално ништо доколку не продолжиме во ист стил во претквалификациите против Косово и Естонија“ – реален е Адем Мекиќ.

Се вчитува...