Мекиќ на чекор до МЗТ Скопје

Кошаркарската Прва лига ќе заврши викендов, а клубовите имаат рок до стартот на Супер-лигата да ангажираат нови засилувања пред истекот на преодниот рок. Неколку суперлигаши се во потрага по нови имиња, а шампионот МЗТ Скопје планира да ангажира нов плејмејкер, но и да доведе во своите редови уште еден домашен играч.

Адем Мекиќ се наоѓа пред камбек во МЗТ Скопје, откако крилниот кошаркар имаше одлични бројки во дресот на Пелистер, но не успеа да помогне овој тим да влезе во Супер-лигата. „Металците“ покажаа интерес за да го вратат својот поранешен кошаркар во „Јане Сандански“, преговорите се интензивирале во изминатите денови и се очекува до крајот на преодниот рок да биде постигнат договор и Мекиќ повторно да го облече дресот на МЗТ.

Станува збор за играч кој на почетокот од кариерата беше дел од „металците“, но не доби посакувана минутажа, поради што минатата сезона се пресели во Куманово. Тој ја почна сезонава во Охрид, но по распадот на клубот реши да се пресели во Пелистер. Тој добро се снајде во битолскиот клуб, се наметна како лидер на екипата, а на дуелот со вториот тим на МЗТ стигна и до трипл-дабл со 21 поен, 12 скокови и 11 асистенции.

Се вчитува...