Мекиќ се врати назад во МЗТ Скопје

Адем Мекиќ е второто засилување на МЗТ Скопје за наредната сезона, откако македонскиот репрезентативец денеска потпиша едногодишен договор со аеродромци. Мекиќ требаше да се врати назад во МЗТ уште во текот на ланската сезона, но непосредно пред трансферот за Супер-лигата да се комплетира дојде до прекин на шампионатот поради коронавирусот. Преговорите меѓу двете страни продолжија, резултирајќи со денешниот потпишан договор на овој 24-годишен кошаркар со актуелниот првак на Македонија.

Ова всушност значи негово враќање во тимот во кој ги направи речиси првите чекори на сениорската сцена. Мекиќ претходно беше дел од „металците“ во периодот помеѓу 2014 и 2017 година, кога настапуваше во елитната АБА-лига и во Еврокупот, а потоа одигра две сезони во Куманово и една во Пелистер. Тој за време на престојот во Аеродром се закити со три шампионски титули и два пехари во Купот на Македонија.

Тој е второ засилување за МЗТ Скопје летово, по ангажманот на Филип Бакоч. Воедно, „металците“ во однос на ланскиот ростер ги задржаа Дамјан Стојановски, Андреј Магдевски, Андреј Маслинко и Бојан Крстевски, заедно со тренерот Ѓорѓи Кочов, кој исто така го обнови договорот.

Се вчитува...