Мекиќ: Се вратив за да играм и да победувам со МЗТ Скопје

Адем Мекиќ е презадоволен што три години по заминувањето од МЗТ Скопје се враќа назад во таборот на аеродромци. Крилниот кошаркар на почетокот од кариерата освојуваше трофеи, но голем дел од времето минуваше на клупата за резерви. Овојпат, тој се надева и на позначајна улога во тимот на Ѓорѓи Кочов и на значајна минутажа, како во домашното првенство, така и во АБА-лигата.

„Сите оние кои ме познаваат добро знаат колкави се моите симпатии кон МЗТ. Среќен сум што се враќам, на овој трансфер гледам како на чекор напред во кариерата. Се вратив за да играм и да победувам, тоа е мојата желба. Знам дека доаѓам во силен тим, со квалитетни кошаркари на секоја позиција, но подготвен сум да одговорам на предизвикот. Целите на овој клуб секогаш се највисоки, такви се и моите, атак на двојната круна и што подобри резултати во АБА-лигата“, изјави Мекиќ.

Тој е второто засилување на МЗТ Скопје за новата сезона, откако „сино-белите“ го ангажираа и Филип Бакоч од таборот на Еуро Никел.

Се вчитува...