Мекларен ја напушта Хонда за Рено – Алонсо останува

Мекларен се надева дека ќе сврти нов лист од следната година откако британскиот Ф-1 тим постигна договор за прекин на соработката со Хонда. Јапонската компанија беше задолжена за моторите на болидите на Мекларен во последните неколку сезони, но очајните резултати беа причина да се инсистира на смена.

Разговорите на оваа тема конечно вродија со плод, па како што јавува „Аутоспорт“, веќе е потпишан и договорот за раскин, што му овозможува на Мекларен да почне нова соработка со Рено. Британскиот тим добил гаранција дека ќе има еднаков третман како и тимот на Ред бул, додека Торо росо, тим што досега беше снабдуван со мотори од Рено, отсега ќе соработува со Хонда.

Со ваквиот развој на настаните челниците на Мекларен речиси сигурно го решаваат и проблемот со Фернандо Алонсо, кој водеше војна со Хонда поради неконкурентноста на болидот. Се очекува по промената во Рено и Алонсо да потпише нов договор, но останува да се види колку новата промена ќе донесе и подобри резултати на британскиот тим.

Се вчитува...