Менаџерката на Шумахер откри детали за неговата состојба

Семејството на Михаел Шумахер на почетокот на мај го тужеше германскиот магазин „Ди Бунте“ за текстот во кој медиумот објавува дека седумкратниот шампион во Формула 1 може повторно да оди. Судот во Хамбург пресуди во корист на семејството Шумахер, а „Ди Бунте“ мора да плати 50.000 евра отштета и 65 проценти од судските трошоци.

Менаџерката на Шумахер, Сабине Кем, осврнувајќи се на споменатата пресуда, откри некои детали за здравствената состојба на поранешниот шампион во Формула 1, иако неговото семјство тоа строго го забранува. Шумахер се наоѓа во тешка здравствена состојба по несреќата што ја доживеа во 2013 година на скијање во Франција.

„Моравме да расчистиме некои работи по многуте лажни информации кои се појавија во медиумите. Одредени медиуми дури и објавија дека Михаел може да оди, а тоа е лага. Несериозно е било што да се шпекулира со оглед на тоа дека сите знаете дека тој се здоби со многу тешка повреда“ – изјави Сабине Кем.

Менаџерката која со години го придружуваше Михаел Шумахер во неговата кариера и една од блиските пријатели на смејството, откри и одредени моменти од животот на големиот шампион.

„Сите знаат дека на патеката Михаел правеше се за да победи. Но, приватно тој беше многу опуштен, потполно друга личност. Беше многу великодушен и чувствителен. Беше семеен човек полн со љубов. Семејството секогаш му беше на прво место и тоа беше потполно јасно. Тој е добар, верен пријател кој секогаш сакаше да се забавува. Но, повлекуваше граница меѓу јавниот и приватниот живот и тоа го почитуваа и навивачите и медиумите. Одлуката да се заштити приватноста е донесена во интерес на Михаел“ – нагласи менаџерката на Михаел Шумахер.

Се вчитува...