Мерцедес и Ферари не сакаат „бизнис“ со Мекларен

Двата водечки тимови во Формула 1, Мерцедес и Ферари, не се заинтересирани да го снабдуваат Мекларен со своите мотори. По бројните проблеми со моторот што им донесоа очајни резултати во годинашниот Ф1 шампионат, Мекларен на крајот од сезоната најверојатно ќе ја прекина соработката со Хонда која од 2015 година го снабдува со мотори британскиот тим.

На десет трки од годинешната сезона во Ф1, Мекларен има освоено само два бода со 9.место на Фернандо Алонсо во Азербејџан, покрај бројните казни за честата промена на моторите.

Директорот на Мекларен, Зек Браун, откри дека Мерцедес и Ферари немаат намера да им дадат мотори бидејќи се плашат од конкуренција.

Ние сме извонреден тим. Мекларен покажа способност да освојува трки и шампионати. Но, некои други тимови уживаат да не гледаат таму каде што се наоѓаме сега. Се плашат дека ние би можеле да им бидеме закана, а тој страв е разбирлив“ – изјави Браун.

Доколку Мерцедес и Ферари ја одбијат потенцијалната соработка, единстевна преостаната опција за Мекларен ќе биде да бара мотори од францускиот Рено. Иако оваа соработка не е невозножна, сепак, не е ни многу реална бидејќи Рено со своите мотори веќе снабдува три тимови во Ф1. Французите стравуваат дека дополнително проширување ќе ја загрози нивната сигурност.

Решението на проблемот со моторите ќе биде и клучно во обидите на Мекларен во своите редови да го задржи Фернандо Алонсо.

Се вчитува...