„Меси е најважната личност во историјата на Барса, среќа што сè уште е тука“

Тренерот на Барселона, Роналд Куман беше импресиониран од она што го покажа Лионел Меси на мечот против Хуеска синоќа. Барселона оствари убедлива победа (4-1), а Аргентинецот одигра неверојатно, постигнувајќи два гола, а зад своето име запиша и една асистенција.

Куман пред медиумите даде изјава која ја посвети на првата ѕвезда во тимот, па тој кажа дека Барса треба да биде среќна што има играч како Меси во својот клуб.

„Меси покажа дека е најдобар. Првиот гол беше фантастичен. Не знам веќе што да кажам за него. Тој игра на толку високо ниво веќе со години. Лео е најважната личност во историјата на клубот. За среќа, тој сè уште е со нас“, рече Куман.

Барселона е втора на табелата во Примера, со четири бода помалку од Атлетико Мадрид.

„Секогаш велев дека сезоната е долга, тешко е за секој тим да игра на исто ниво подолго време. Во форма сме и ќе се бориме“, заклучи Роналд.

Следниот натпревар каталонскиот клуб ќе го игра против Реал Сосиедад во недела.

Се вчитува...