Меси не е Роналдо – Се сликаше со малиот Муртаза, но ништо не му помогна во животот

Муртаза Ахмади пред пет години ја покажа вистинската љубов и страст кон фудбалот. Потресната сторија на малото дете го допре целиот свет. Братот на момчето од Авганистан објави фотографии од малиот Муртаза како игра фудбал во дрес на Лионел Меси направен од најлонски кеси. Набрзо беше објавен документарец за тоа како неговата „бајка“ се претвори во пекол. Приказната за малиот Авганистанец беше толку силна и голема што на крајот го запозна својот идол, Меси.

Тој пристигна во Доха, каде го прегрна легендарниот фудбалер пред пријателскиот натпревар помеѓу Барселона и Ал Ахли. Тој не сакаше да го пушти Меси да замине, па мораше дополнителна интервенција за да го извадат од теренот и да започне натпреварот.

„Му реков дека сакам да останам и да играм со него. Тој ми рече да одам со татко ми, но не го разбрав неговиот јазик. Тогаш бев пресреќен”, се сеќава Муртаза.

Неговото семејство се надеваше дека сите ќе добијат азил и подобар живот во Шпанија, откако Кристијано Роналдо тоа го стори за Заид Абудул, момче од Сирија. Синот на сирискиот бегалец кој беше сопнат намерно од унгарска новинарка, на зелениот терен излезе фатен за рака со својот идол, ѕвездата на Реал Мадрид, Кристијано Роналдо. Португалецот финансиски помогна на семејството на Абдул, а Реал Мадрид донираше еден милион евра за помош на бегалците. Роналдо и Реал му предложија на семејство Абудул целосна поддршка, со цел да започнат нов, мирен и финансиски стабилен живот.

„Отидовме во Доха со надеж дека Меси ќе направи нешто за него, но тој не направи ништо“, изјави таткото на Муртаза.

По враќањето во Авганистан и по средбата со Меси, настанала вистинска драма во семејството Ахмади. Тие започнале да добиваат закани затоа што селаните сметале дека Меси им дал пари, што, како што тврди Ахмади, не е точно. Поради ова, Муратза престанал да оди на училиште и се преселил во далечниот Кабул.

Неговото семејство, од друга страна, мораше да го напушти домот поради нападите на талибанците. Малиот Муратза стравува за животот во големиот град. Тој поминува време на покривот на зградата или во дома во затворен простор.

“Има многу експлозии. Немам пријател со кого да играм, но повторно би го носел дресот на Меси затоа што му се восхитувам”, вели Муртаза. Неговиот татко во бегство од Талибанците ја оставил топката и потпишаниот дрес што им ги поклонил Меси.

Се вчитува...