Меси: Не ми се верува дека треба да кажам збогум, Барселона секогаш ќе биде мојот дом

Лионел Меси на денешната прес-конференција проговори за околностите поради кои мора да си замине од клубот. Се чинеше дека новиот договор е целосно среден се до пред два дена, кога Барса со шокантно соопштение обелодени дека поради неможноста да се задоволат регулативите на Ла Лига нема да може да потпише договор со својот најдобар фудбалер на сите времиња.

„Се уште сум во шок од се што се случи. Преговорите течеа брзо, се договоривме за сите детали и се чекаше само на некои регулативи. Кога ми кажаа дека нема да можам да потпишам поради правилата на Ла Лига, не можев да верувам. Никогаш немаше некои посебни барања од моја страна, ниту пак од управата. Барса е мој клуб и во заеднички интерес беше да останам, затоа и брзо се договоривме“, изјави Меси.

Тој не можеше да ги скрие солзите, свесен дека ова му е последно обраќање пред јавноса од „Камп Ноу“.

„Дадов се што имав за овој дрес, убеден бев дека ќе продолжам да го носам. Не ми се верува дека дојде денот кога треба да кажам збогум. Се надевам дека еден ден ќе се вратам и ќе му донесам нешто ново на клубот. Цел живот сум овде, по 21 година си заминувам со моето семејство, со тројцата мали каталонски Аргентинци“, порача најдобриот фудбалер на денешницата.

Се вчитува...