Меси по 50. хет-трик во кариерата: Ајде сега да го победиме Реал во Мадрид

Лионел Меси одигра извонреден натпревар против Севилја. Oткако Барса двапати беше во негатива, аргентинскиот генијалец постигна три гола и донесе целосен пресврт за конечна победа од 2-4, огромни три бода за каталонскиот гигант во трката за титулата. За Меси ова беше јубилеен 50. хет-трик во кариерата, од кои 44 пати Аргентинецот имал вакво остварување во дресот на Барселона и шест пати како член на аргентинската репрезентација.

„Победата е многу важна, но не се согласуваме дека сме завршиле половина работа во трката за титулата. Има уште многу натпревари пред нас до крајот на сезонaта, но значајно е што ја задржавме предноста во однос на ривалите“ – изјави Меси.

Следен предизвик за каталонскиот гигант е реваншот од полуфиналето на Копа дел реј против Реал Мадрид по оние 1-1 на првиот меч на „Камп ноу“, на кој Меси поради повреда влезе во игра дури во второто полувреме.

„Добро познато е дека секогаш играме добро во купот, сакаме да стигнеме до ново финале и да се закитиме со трофејот. Нашата желба е јасна – да одиме во Мадрид и да го победиме Реал бидејќи се наоѓаме на само еден чекор до голмото финале. Нормално дека нема да ни биде лесно, и Реал ќе сака да победи, но ние сме полни со оптимизам дека можеме да славиме во Мадрид“ – истакнува суперѕвездата на Барса.

Се вчитува...