Меси: Роналдо е пример за сите кои сонуваат да играат фудбал

Најдобриот фудбалер на денешницата, Лионел Меси за интервју на „ЕСПН – Азија“ вели дека од секогаш сонувал да ја заврши кариерата во Барселона, демантирајќи ги сите шпекулации од минатото околу негово заминување од „Камп Ноу“. Преговорите за нов договор меѓу Аргентинецот и Барса влегуваат во завршна фаза и соработкта би можела да биде продолжена во следните десетина дена, со што на Меси ќе му се исполни желбата уште долго да остане дел од каталонскиот гигант.

„Секогаш сум потенцирал дека сакам кариерата да ја завршам во Барселона. Ова е клубот што ми даде се, не можам да се замислам во друг дрес. Јас секогаш се трудам да донесам што повеќе титули за да ги израдувам навивачите, бидејќи тие ми се „ветер во грбот“ кога ми е најтешко. Оваа сезона не беше толку успешна. Трофејот од Копа дел реј е само утеха, наредната ќе се потрудиме многу повеќе за да се вратиме на врвот во Шпанија и во ЛШ“ – истакна Меси.

Најдобриот играч на Барселона зборуваше и за ривалството со Кристијано Роналдо, и смета дека тоа и не е толку големо колку што се прикажува од медиумите и фудбалските следбеници на социјалните мрежи. Исто така, Меси даде совет за сите оние кои сонуваат да станат професионалци во овој спорт.

„Кристијано е фантастичен играч, го посветил својот живот за да стигне до ова ниво. Годинава уште еднаш покажа дека само со напорна работа се стигнува до врвот, а Роналдо е дефиниција за упорност. Меѓу нас не постои ривалство, тоа е нешто што го измислија медиумите. Надвор од теренот сме добри пријатели, додека на тревата сме само двајца фудбалери кои сакаат само да победат. Тоа што играме за клубови кои негуваат ривалство со децении, не не’ прави нас непријатели, туку напротив, јас го почитувам него и неговите дела, како што ме почитува мене. Роналдо треба да биде пример за сите кои сонуваат да играат фудбал. Без разлика колку талент поседуваш, ако не тренираш напорно, ако не го посветиш животот на топката и не се жртвуваш за да успееш, никогаш нема да стигнеш да се натпреваруваш со најдобрите“ – додаде Меси.

Се вчитува...