„Металците“ немоќни: Убедлив пораз од ФМП (101-82)

Кошаркарите на МЗТ го запишаа и 15-от пораз во АБА регионалното натпреварување, овој пат на гостувањето против ФМП со 101-82 (20-18,24-19,27-16,30-29).

ФМП од самиот почеток на дуелот ја презеде контролата на играта и резултатот, одржувајќи ритам за постојано водство. Иако, низ првите 20 минути се играше и навидум израмнето, сепак домашните на полувреме заминаа со предност од седум поени (44-37).

Дефинитивно победникот на натпреварот беше решен во третиот период од играта, кога ФМП ја направи и клучната разлика. По третата четвртина српските кошаркари имаа предност од недостижни 18 поени, па последните 10 минути беа само рутина за нив да ја заокружат убедливата победа.

Во редовите на македонскиот шампион најефикасен беше Скот со 26 поени дополнети и со пет скока, Дреновац постигна 14 поени додека Клоф дуелот го заврши со 12 поени. Во победничкиот тим предводеше Остин со 20 поени, а Апиќ мечот го заврши со 17 поени.

МЗТ по овој пораз остана на претходните осум победи, сега и со 15 порази, останувајќи на 11-та позиција на табелата. ФМП, пак, стигна и до десеттата победа, наспроти и 13 порази.

Се вчитува...