„Металците“ триумфално од Гевгелија

МЗТ Скопје им се врати на победите во македонското првенство откако на гостувањето во Гевгелија против Кожув славеше со 71-86. „Металците“ во текот на целиот меч имаа предност против „црвено-белите“ на чија клупа дебитираше Перо Блажевски, одолеаја на налетот на домаќинот и заслужено стигнаа до победа.

Аеродромци со серија од 9-2 на средината на првата четвртина стигнаа до предност од 12-19, но домашниот тим до крајот на првата четвртина одговори со серија од 5-0 за негатива од само еден напад по 10. минути игра (17-19). Изедначениот натпревар продолжи и до крајот на првото полувреме до кое гостите ја задржаа предноста и стигнаа до позитива од 38-42.

Во третата четвртина тимот од Аеродром ја зголемуваше предноста па забележа и двоцифрена предност, но на крајот на третиот дел мораше да се задоволи со само +9 (54-63). Добрата игра на избраниците на Радуловиќ продолжи и до крајот на натпреварот при што искусните играчи во „сино-белите“ не дозволија ново враќање на домаќинот и приредија мирен финиш за десетта победа во сезоната.

Кристијан Николов со 17 поени и 8 асистенции беше најефикасен кај гостите, а Милошевиќ постигна 14 поени и 6 скока. Тавон Бродвеј го предводеше Кожув со 28 поени, додека 17 поени додаде Каухерд.

Се вчитува...