Металург без сила и енергија поразен од Мешков Брест

Ракометарите на Металург го претрпеа вториот пораз во вториот натпревар во регионалната СЕХА лига. На гостувањето во Белорусија, Металург загуби од домашниот Мешков Брест со големи 12 гола разлика (41-29) што е најубедлив пораз на „металурзи“ во дуелите со белорускиот шампион.

„Металурзи“ на овој меч настапија во значително ослабен состав, без капитенот Филип Кузмановски кој чека раскин на договорот и не отпатува со тимот на гостувањето во Белорусија и без повредениот Мартин Велковски кој исто така остана во Скопје. Избраниците на тренерот Данило Брестовац сепак, во првото полувреме успешно му парираа на белорускиот противник. По изедначениот старт во кој Мешков Брест одржуваше 1-2 гола предност, Металург преку Филип Арсеновски изедначи на 5-5 и остана во егал во првата четвртина од натпреварот.

Во продолжението, Металург влезе во ефикасна серија, постигна четири гола по ред и поведе со 7-10. Но, потоа следуваше мал пад во играта на „металурзи“, во незгоден момент имаше и еден промашен седмерец на Мице Шилегов. Сето тоа им овозможи на домаќините да се вратат во игра, на три минути пред крај на полувремето да дојдат до ново изедначување на 12-12, а потоа и да поведат и на одмор да заминат со предност од 17-15.

Тренерот Данило Брестовац се обиде со  седум играчи во напад да ја пробие 5-1 одбраната на Мешков Брест, но домаќините успеаја да се одбранат и да ја сочуваат позитивата.

Почетокот на второто полувреме одново беше во знакот на домаќините. Металурзи лошо почнаа, многу грешеа и се мачеа во нападот да дојдат до позиција за гол. Мешков Брест знаеше да го искористи тоа и за седум минути ја зголеми предноста на +5 поведувајќи со 23-18.

Во последните дваесетина минути, комплетно беше скршен отпорот на „металурзи“ кои се потешко доаѓаа до реализација во нападот, а во добранаат играа лабаво и без енергија. Тоа само му ја олесни задачата на белорускиот шампион кој рутински ја зголемуваше предност и на крај без проблем и со играчите од клупа, славеше убедлива победа.

Халил Јагањац беше најефикасен во составот на Металург со шест гола. Кај Мешков Брест нападот го предводеше Александар Шкурински со осум гола, а еден помалку постигна Петар Ѓорѓиќ .

Следниот натпревар во регионалната СЕХА лига, Металург го игра на 9 септември кога во Скопје го пречекува Татран Прешов.

Се вчитува...