Металург чека прва победа, Бешикташ е идеален ривал

Ракометарите на Металург се надеваат дека на денешниот натпревар против Бешикташ (17 часот, СЦ „Борис Трајковски“) конечно ќе ги надминат сите проблеми и ќе стигне до првата победа сезонава. „Металурзите“ во првото коло во голем дел од мечот умешно му парираа на Спортинг Лисабон, но затоа разочараа на последниот дуел од СЕХА-лигата, на кој не ја оправдаа фаворитската улога ремизирајќи во Скопје со Извиѓач.

Добра вест за тренерот Брестовац е што сите повредени играчи се вратија во тимот, па Металург конечно ќе биде комплетен.

„Се подготвувавме за мечот со Бешикташ. Конечно сме комплетни и очекуваме во добар натпревар да дојдеме до победа. Мора да бидеме на ниво во текот на целиот натпревар, а не само 30 минути како што беше случај на претходните натпревари. Ќе можеме и да одмораме некои играчи и да ги имаме потоа свежи во моментите на решавање на мечот. Со помош на публиката, со мотивација на терен, со добра и паметна игра во напад, мислам дека можеме да стигнеме до добар резултат“ – изјави  тренерот на Металург, Данило Брестовац.

Металург и лани се сретна со Бешикташ во Лигата на шампионите, кога македонскиот вицепрвак на домашен терен беше изненаден и загуби со 27-31. Турскиот првак исто како и Металург во првото коло претрпе пораз, и тоа на домашен терен од екипата на Татран Прешов со убедливи 22-28.

Се вчитува...