Металург добро почна, но лошо заврши и загуби од Спортинг

Ракометарите на Металург пружија силен отпор, но не издржаа до крај и загубија од Спортинг со 24-31, во натпреварот од 7.коло во Лигата на шампионите. „Металурзи“ имаа одлично прво полувреме и пад во вториот дел во кој не успеаја да го задршат истото темпо и на крај го запишаа шестиот пораз во ЛШ.

За македонскиот вицешампион ова беше трет натпревар во изминатите четири дена, по саботниот дуел со Чеховски медведи во ЛШ и вчерашниот меч со Стеауа во СЕХА лигата.

Металург во добро темпо го почна натпреварот и по првите десет минути веќе имаше предност од 6-3. Енергично и сигурно играа „металурзи“ во нападот и реализираа од сите позиции, а одбраната имаше добра поддршка од Мартин Томовски на голот.

Во 11.минута „металурзи“стигнаа и до четири гола позитива поведувајќи со 8-4. Но, потоа подзастанаа, а Спортинг брзо реализира три гола во серија и ја стопи разликата. Гостите на девет минути пред крај на првиот дел успеаја и да изедначат на 11-11.

Металург успеа да се одбрани и одново ја презеде иницијативата. Тренерот Данило Брестовац ја направи веќе стандардната ротација на бековските позиции со Пучник и Рибеиро на местото на Танковски и на Шпенде, во вистински момент за да ја зачува свежината во составот. Рибеиро ја искористи шансата и брзо реализира три гола, а Металург остана во позитива и со гол предност го заврши првото полувреме (18-17).

На почетокот од второто полувреме изостана ефикасноста во нападот на Металург. Седум минути „металурзи“ не успеваа да реализираат. За среќа во елемент беше Мартин Томовски на голот и го спречи првиот налет на гостите. Но, Спортинг сепак во 36.минута дојде до прво водство на мечот (18-19).

Конечно, лошата серија на Металург во нападот ја прекина Марио Танкоски постигнувајќи го првиот погодок во второто полувреме. Сепак, Спортинг имаше серија од 4-1 и водство од 19-21 и се сменија улогите на терен – Португалците ја презедоа инциијативата , а Металург бркаше резултат. Спласна агресивноста и прецизноста во нападот на „металурзи“ , но благодарение на  одбраните на Томовски, домаќините се држеа во игра.

Спортинг ја зголеми разликата на +3 попведувајќи со 21-24 на стартот од последната четвртина. Уморот си го направи своето, па „металурзи“ се потешко успшеваа да минат покрај одбраната на противникот и зачестија грешките.

Гостите на пет минути пред крај стигнаа и на +6 реализирајќи пет гола во серија, откако Металург не искористи неколку шанси да ја намали негативата. И тука веќе беше решен победникот во овој дуел. „Металурзи“ полека губеа чекор, а Спортинг со мирен финиш ја завери петтата победа во Лигата на шампионите.

Мартин Томовски имаше уште една забележителна партија на голот со 14 успешни интервенции, а во нападот најефикасни беа Димитар Димитриоски со пет и Марио Танкоски со четири гола. Со 14 интервенции заврши и Матевж Скок на голот на Спортинг. Најефикасни во португалскиот тим беа Руесга и Валдес со по пет гола.

Во следното коло од Лигата на шампионите, Металург на 17 ноември му гостива на Бешикташ.

Се вчитува...