Металург го продава Јагањац – цената е 120.000 евра

Металург дефинитивно прераснува во „растур-систем“ откако обесхрабрени по очајниот старт на сезоната челниците на клубот од „Автокоманда“ се решија за продажба на својот најдобар ракометар – Халил Јагањац. Хрватскиот бек минатото лето покажа лојалност и реши да остане во „Автокоманда“, одбивајќи притоа неколку интересни понуди. Сепак, ситуацијата во меѓувреме се промени, во бековската линија го нема ниту нашиот репрезентативец Филип Кузмановски, клубот реди порази и во СЕХА и во Лигата на шампионите, па Јагањац инсистира на заминување.

И Металург е подготвен за „бизнис“ на оваа тема откако највисокото раководство на клубот од Автокоманда ставило до знаење дека би дало зелено светло за заминување на најдобриот играч, доколку за возврат добие значителна сума за отштета. Како што дознава ЕКИПА, оваа сума изнесува 120.000 евра и за истата се преговара со неколку заинтересирани клубови.

„Точно е дека постои сериозен интерес за Јагањац и во моментов се водат преговори со неколку клубови. Конкретно, три екипи се обидуваат да го доведат Халил во своите редови, најконкретен во моментов е хрватскиот претставник Нексе, но се уште нема договор со ниту еден од заинтересираните клубови“ – велат за ЕКИПА извори од управата на Металург.

Македонскиот клуб се обидува да го задржи Хрватот барем до почетокот на декември, за да се обиде да стигне барем до една победа во Лигата на шампионите, но шансите тоа да се случи се многу мали.

Едно е сигурно, со заминувањето на Јагањац уште повеќе ќе спласнат и амбициите на клубот од Автокоманда, кој без хрватскиот „бомбардер“ тешко ќе може да го задржи и второто место во домашното првенство, што носи учество во СЕХА-лигата.

Се вчитува...