Металург освои бод, но испушти победа против Извиѓач

Металург го освои првиот бод во регионалната СЕХА лига во оваа сезона. Во четвртиот натпревар „металурзи“ на домашен терен одиграа нерешено 27-27 со Извиѓач. Избраниците на Данило Брестовац одиграа уште едно добро прво полувреме, но не успеаја да го задрѓат истото темпо и во вториот дел и испуштија победа.

Македонскиот вицешампион влезе сигурно во овој дуел и по првата четвртина имаше предност од 8-5. Мартин Серафимов беше лидер во нападот постигнувајќи три од првите седум погодоци на домаќините. А, Мартин Томовски на голот даваше дополнителна сигурност во одбраната на Металург.

По паузата поради повреда, на теренот се врати и Мартин Велковски и со првиот погодок на овој меч, му донесе водство на Металург со 11-6  на осум минути пред крај на првиот дел. На два пати во овој дел „металурзи“ имаа највисока предност од пет гола. Но, потоа следуваа неколку задоцнети реакции во одбраната и неискористени шанси во нападот  што им овозможи на гостите да ја стопат разликата на 12-10 и да се вратат во игра во финишот на првото полувреме. По неколку грешки на двете страни, на крај Металург замина на домор со водство од 14-11.

Извиѓач го почна вториот дел со ефикасна серија и по пет минути игра успеа да изедначи на 16-16, а малку потоа гостите го презедоа водството (18-19). Падна темпото и ефикасноста на „металурзи“ во овој дел од натпреварот, Брестовац реагираше со тајм-аут и се обиде да ги врати своите играчи во ритам. Во следниот напад погоди Марио Танкоски, но во лош момент најефикасниуот Мартин Серафимов, не реализира седмерец. Казната брзо стигна на спротивната страна со нов погодок на Извиѓач за водство од 19-21.

Во последната четвртина гостите влегоа со гол предност. Двата погодоци на Танкоски и одбраната на Томовски ја вратија надежта дека Металург може да се врати во игра. Сепак, искуството во клучните моменти беше на страната на Извиѓач. Гостите ефикасно ја казнуваа секоја грешка на домашните играчи и го одржуваа водството.

На девет минути пред крај, Филип Арсеновски погоди за ново изнедначување на 24-24, но гостите брзо вратија преку Алиловиќ. Обидот на Брестовац со седум играчи во напад во првиот обид остана без реализација, во вториот реализираше Бојан Маџовски за ново изедначување и неизвесност во завршните шест минути.

Во вистински момент се разбуди Халил Јагањац со својот втор погодок за ново водство од 26-25. Гол предност имаа „металурзи“ и во истекот на посладната минута откако Мице Шилегов по промашениот седмерец, од втора погоди за 27-26. Извиѓач успеа да изедначи, а Металург имаше завршен напад за победа, но не реализираше и на крај натпреварот заврши без победник.

Мартин Серафимов и Мице Шилегов постигнаа по шест гола, а Мартин Томовски го заврпи натпреварот со 12 одбрани. Кај Извиѓач најефикасен беше Ведран Делиќ со шест гола.

Во следниот натпревар во СЕХА лигата, Металург на 2 октомври му гостува на ППД Загреб и на Лино Червар.

Се вчитува...