Металург против Чеховски медведи го завршува настапот во ЛШ

Во последниот натпревар во Лигата на шампионите за оваа сезона, Металург денеска (17.30 ч.) во „Борис Трајковски“ го пречекува тимот на Чеховски медведи. Двете екипи се на последните две места во групата Ц, со одамна загубени шанси да продолжен настап во елитното натпреварување. Но, победата во завршниот меч, може Металург да го искачи на третото место во групата ако Елверум денеска загуби од лидерот Монпелје, што за “металурзи“ ќе биде чекор понапред во однос на лани кога беа последни во групата.

Освен пласманот и желбата настапот во ЛШ да го завршат со победа пред домашната публика, Металург има мотив и да му се реваншира на рускиот тим за поразот на првиот меч во Русија (25-21).

„Во Русија имавме тежок натпревар, особено во првото полувреме кога Чеховски медведи имаа убедлива предност. Се работи за незгодна екипа со неколку искусни и квалитетни ракометари. Александер Котов е играч од кој тргнуваат сите акции и мора да го сопреме. Тие имаат цврста и млада екипа која игра брзо, така што ќе мора да бидеме подготвени да одговориме на таквата игра. Вообичаено играат одбрана 5-1, имаат високи играчи и знаеме што може да очекуваме. Сепак, ние мора да бидеме поквалитетен тим и секој што ќе биде на терен треба да го даде својот максимум“ – истакна тренерот на Металург, Лино Червар.

Пред денешната пресметка со Чеховски медведи во ЛШ, „металурзи“ имаа добра проверка и победничко загревање против ППД Загреб во мечот од регионалната СЕХА лига. Победата против големиот фаворит ја подига самодовербата кај „сините“, но во никој случај не смее да биде причина за опуштање, предупредува новиот капитен на Металург, Филип Кузмановски.

„Победата против ППД Загреб не смее да не крене во облаци. Мораме да стоиме цврсто на земја и максимално фокусирано да влеземе во дуелот со Чехиовски медведи. Атмосферата во екипата е добра и верувам дека играта од дуелот против Веспрем нема да се повтори. Против Загреб покажавме дека можеме многу подобро. Ќе дадеме се од себе тоа да го потврдиме и против Чеховски медведи, да одиграме квалитетно и со победа да ја завршиме сезоната во Лигата на шампионите“ – порача Филип Кузмановски.

Се вчитува...