Металург се бореше, но на крај загуби од Нексе

Металург е поразен од Нексе со 27-32 во третиот натпревар во регионалната СЕХА лига. Ова е трет пораз, прв на домашен терен за младиот, а сега и преполовен состав на Металург во СЕХА лигата.  Филип Кузмановски се пресели во Еурофарм Работник, а вон строј поради повреди се двата десни бека Мартин Велковски и Томислав Јагуриновски. На сето тоа, Металург на овој меч остана и без левиот бек Марио Танкоски кој незгодно доскокна и се повреди во првото полувреме.

И со преполовен состав и релативно млад и неискусен состав, Металург настојуваше достојно да му парира на хрватскиот воцешампион и во првото полувреме успешно се враќаше и држеше чекор.

Нексе тргна агресивно и по првите пет минути имаше водство од 1-4. Сепак, тоа не ги обесхрабри младите играчи на Металург. „Металурзи“ успеаја да ги консолидираат своите редови, направија серија од 5-1 и поведоа со 6-5 во 12.минута.Тренерот Данило Брестовац настојуваше да извлече максимум од тоа што го има на располагање во ростерот и го амортизира дефицитот на бековската линија со префрлање на Димитар Димитриоски од крилната на плејмејкерската позиција.

Металург успешно дршеше чекор се до 20 минута кога гостите одново влегоа во ефикасна серија и се одлепија на 9-13. Со +4 Нексе го заврши и првото полувреме (12-16).

По првите неколку минути од вториот дел, Нексе ја зголеми предноста на 13-18.„Металурзи“  настојуваа да се вратат во игра. Со двата погодоци на Мартин Серафимов и еден на Димитар Димитроски, Металург намали на 16-19, а малку потоа и на 19-22. Четвртиот погодок на Анте Токиќ за 20-22 донесоа нова надеж и дополнителна стимулација за домаќините. Упорноста и борбеноста на „металурзи“ им донесе и резултат. Направија уште една серија од 5-1, а по добрата асистенција на Серафимов, Анте Токиќ намали на гол разлика 22-23 на средината од второто полувреме.

Неколку успешни интервенции на голманот Морено Цар кој постигна и еден погодок на празен гол, ја сопреа офанзивата на Металург и го вратија Нексе во предност (23-26).

Но, и Металург имаше свој адут на голот. Мартин Томовски одбрани два напади на Нексе, а Серафимов со шестиот погодок одново намали на гол разлика (25-26) на десет минути пред крај. Сепак, Металург остана без сила во финишот, а Нексе тоа го искористи и ја потврди победата со конечните 27-32.

Мартин Серафимов и Халил Јагањац постигнаа по седум,  Димитар Димитриоски и Анте Токиќ додадоа по пет гола за Металург. Мартин Серафимов заврши со седум одбрани. Кај Нексе прв стрелец беше Саша Баришиќ Јаман со осум гола, а Морено Цар запиша 11 одбрани.

Во следниот натпревар во СЕХА лигата, Металург на 19 септември во Скопје го пречекува Извиѓач.

Се вчитува...