Металург се посрамоти и на гости кај Лино во Загреб

Уште  еден добар натпревар во поголем дел и на крај – пораз за Металург, овој пат на гости од ППД Загреб (26-22) . Ова беше прва пресметка на Металург со хрватскиот шампион предводен од Лино Червар по неговото заминување од Автокоманда, а на дело го видовме и „пребеганиот“ Арбер Ќерими. Червар најави дека за него ова ќе биде меч полн со емоции, на терен тоа беше релативно мирен дуел, во кој победникот беше решен на стартот од второто полувреме.

„Металурзи“ го имаа почетното водство со погодокот на Мартин Серафимов, но домаќините набрзо ја презедоа иницијативата и минималната преднсот. По неколку изедначувања (5-5, 9-9, 10-10), на крајот од првото полувреме ППД Загреб имаше минимална предност од 11-10.

На стартот од второто полувреме, се јави „старата болка“ која е сериозен проблем за младиот состав на Металург – пад во играта, серија грешки и подолг период без погодок во кој му дозволуваат на противникот лесно да се одлепи.

За 15  минути  игра до средината на второто полувреме, избраниците на тренерот Данило Брестовац постигнаа само два гола. На другата страна ППД Загреб го почна вториот дел со серија од 8-0, поведе со 19-11 и практично, го реши мечот.

Се обиде Брестовац на тајм-аут да ги врати во „нормала“ своите ракометари, но и овој пат тоа остана залуден обид. „Металурзи“ потонаа во играта и во негативата, предвреме помирени со поразот.  Во финишот конечно проработе и раката на првиот стрелец на Металург, Халил Јагањац колку да се ублажи поразот.  Но, сепак до крај остана неизвесно само крајниот резултат во четвртиот пораз на Металург сезонава во СЕХА лигата.

Мартин Серафимов и Андрија Миличевиќ со по четири гола беа најефикасни во составот на Металург. Мартин Томовски го заврши мечот со 11 одбрани. Кај ППД Загреб листата на стрелците ја предводеше Давид Мандиќ со шест гола.

Во следното коло, Мерталург на 17 септмеври во Скопје го пречекува Железничар.

Се вчитува...