Металург стартува во ЛШ од Лисабон – Брестовац: Нема да не надиграат!

Новата сезона во Лигата на шампионите за ракометарите на Металург почнува во сабота со дуелот против Спортинг во Лисабон. „Металурзи“ утре заминуваат за Португалија со надеж дека и покрај сите пехови и проблеми пред стартот, ќе одиграат добро и за овој млад состав ова ќе биде значајна сезона во најелитното европско натпреварување.

Тренерот Данило Брестовац летово се врати во Металург и ја презеде клупата, отворајќи ново поглавје после „ерата на Лино Червар“. Најави дека има одврзани раце на дело да ги спроведе своите замисли со составот што го има на располагање и на подолг рок, клубот да се базира на млади домашни играчи.

Но, уште на стартот од сезоната Металург се соочи со серија непланирани промени и пехови. Капитенот Филип Кузмановски го напушти клубот и се пресели во Еурофарм Работник, а во првите три натпревари во регионалната СЕХА лига, се повредија Мартин Велковски, Томи Јагуриновски и Мартин Танкоски.

Според најавите, Велковски и Јагуриновски треба да се вратат на терен за десетина дена и сигурно ќе го пропуштат стартот во ЛШ и саботниот натпревар против Спортинг, а Танкоски ќе биде во составот што утре патува за Лисабон.

„Нема непотребно да ризикуваме. За една недела до десет дена, Јагуриновски и Велковски треба да бидат на терен, а Танкоски се враќа малку порано и ќе биде во составот. Во однос на првите три натпревари, сега во составот ги имаме и Стојановиќ и Миличевиќ “ – вели тренерот Данило Брестовац.

Со преполовен состав Металург  покажа голема борбеност и дисциплина во играта во последниот дуел против Нексе, а тренерот Брестовац се надева дека така ќе продолжат и во Лигата на шампионите.

 

Работиме добро и се надевам дека ќе одиграме добро иако не сме комплетни. Проблем ми е ротацијата во ваква ситуација без двајца левораки бекови, ќе биде тешко, но ќе настојуваме да одиграме максимално со тоа што го имаме. Свесно влегуваме во некои грешки, за да избегнеме други поголеми. Или, во ваква ситуација, го бираме помалото зло. Но, ме радува нивната желба и дисциплината во играта. Ни треба малку поголема храброст во одбраната да се наметнеме, тука сме малку „тенки“, треба повеќе тактички да влеземе во тие дуели. Имаме добра екипа која има капацитет, но за да биде видлив тој капацитет секој треба да даде оптимум. Мислам дека сме на добар пат со оваа екипа, само треба време“ – истакнува тренерот на Металург.

Во саботниот дуел, Спортинг ја има улогата на фаворит и според искуството и според квалитетот. Металург со португалскиот шампион играше во групната фаза од ЛШ и минатата сезона. „Металурзи“ лани во Скопје успеаја да го изненадат фаворитот (28-27), а на вториот меч во Лисабон загубија со 31-27.

„Спортинг има искусна, силна екипа, посилни се од нас. Екипа што во својот состав има играчи како Јонеа, како Бразилецот Роча, Едмилсон или Руесга и со искусни голмани како што се  Скок и Ашанин, во ниеден момент не смее да се потцени. Но, ние не се даваме, имаме квалитет, треба да одиграме добро и мислам дека не можат да не надиграат“ – оптимист е Брестовац.

Во новата сезона во ЛШ, Металург ќе игра во групата Ц во која покрај Спортинг се уште и Силкеборг, Бешикташ, Чеховски Медведи и Татран Прешов.

Се вчитува...