Металург веќе не знае да победува – дебакл и од Бешикташ

Металург ја продолжи серијата слаби партии што трае од самиот старт на сезонава, губејќи и на првиот домашен натпревар во ЛШ, од екипата на Бешикташ со убедливи 22-30. Јасно е дека од Данило Брестовац се очекува формата на тимот да се движи во нагорна линија, особено кога тимот се комплетираше по повредите, но тоа не се случи ниту на денешниот меч. Слично како и против Спортинг, Металург солидно парираше само триесетина минути, за потоа во вториот дел да доживее колапс, нападот да делува крајно безидејно, по што поразот беше неизбежен.

Томовски влезе во ритам на стартот, а Мице Шилегов го постигна првиот гол на натпреварот од пенал што го изнуди пивотот Лазаревски. Бешикташ набрзина направи пресврт и поведе со 1-3, Турците промашија и зицер за „плус три“, по што македонскиот вицепрвак експресно се врати преку Токиќ и Димитриоски. Следеше период на грешки и брзоплетост на двете страни, во кој нешто подобро се снајдоа поискусните гостински ракометари, кои стигнаа до два гола предност. Јагањац влезе во ритам и со два гола ја предводеше серијата од 3-0 со која Металург повторно поведе, овојпат со 12-11, по што гостинскиот тренер побара тајмаут. Бешикташ се стабилизира и на одмор замина со предност од 13-14.

Металург го отвори вториот дел со гол за израмнување на 14-14, но потоа гостите од Турција за неколку минути постигнаа три гола и првпат стигнаа до предност поголема од „плус два“. Зачестија грешките во играта на македонскиот вицепрвак, а Бешикташ знаеше како да го казни тоа и преку Ласица лесно реализираше, поведувајќи и со 17-21. Јагањац набрзина стигна до седум постигнати гола и намали на 19-22, но тоа беше се што избраниците на Данило Брестовац успеаја да стоат. Имаше и обид за „седум на шест“, но Бешикташ го казни тоа со гол на голманот од својот шестерец за убедливи 20-26.

Следеше период во кој и двата тима беа неефикасни во нападот, за гостинскиот тим искусно да ја задржи предноста се до самиот крај и конечните 22-30.

Јагањац постигна седум гола и беше најефикасен во Металург, а повеќе од два погодоци постигнаа само уште Токиќ со четири и Димитриоски со три постигнати гола. Марко Ласица со седум гола беше најпрецизен кај Бешикташ, во чии редови македонскиот репрезентативец Немања Прибак постигна три погодоци.

Металург во рамките од третото коло повторно ќе биде домаќин, овојпат на словачкиот првак Татран Прешов.

Се вчитува...