Червар: Металург верува во дерби-чудо

Ждребот сакаше Металург и Вардар да ги одмерат силите веќе во првото коло од ракометниот плејоф, па интересно ќе биде да се види дали „металурзите“ ќе успеат да сторат нешто повеќе против апсолутниот фаворит за титулата во домашниот шампионат на денешниот дуел што со почеток во 18 часот ќе стартува во салата „Автокоманда“.

Избраниците на Лино Червар се целосно фокусирани на битката за висок пласман во плејофот, додека за „вардарци“ приоритет во моментов се СЕХА-лигата чиј фајналфор турнир ќе се одржи наредниот викенд, како и четвртфиналето во ЛШ што е на програмата подоцна во месец април. Токму тоа им дава надеж на „металурзите“ дека би можеле да искористат доколку „црвено-црните“ чуваат дел од силите за наредните предизвици, за да го изненадат големиот фаворит.

Повеќе од јасно е дека Вардар е главниот фаворит во утрешниот дуел од плејофот, но ние сме тим, кој никогаш не потклекнува пред фаворитите и ќе дадеме с од себе да одиграме добар натпревар, во кој максимално ќе му се спротивставиме. Во незгоден момент го добивме најсилниот ривал во домашното првенство, но како и да е ќе се потрудиме да го прикажеме најдоброто од нашата игра, како во нападот така и во одбраната. Имаме мали проблеми со повредите на Александар Гуглета и Немања Младеновиќ, па доколку не закрепнат ќе се обидеме да ги дополниме со остатокот од екипата. Доколку сакаме рамноправна борба, мораме максимално концентрирано да влеземе во мечот, бидејќи знаеме дека формата на Вардар е во нагорна линија, со тоа што тие се едни од фаворитите и за пласман во завршницата од Лигата на шампионите“, изјави тренерот на Металург, Лино Червар.

Металург и Вардар сезонава веќе два пати ги одмерија силите во рамките на СЕХА, при што „црвено-црните“ стигнаа до две тешки победи, со 24-25 на гостувањето во СЦ „Борис Трајковски“ и со 31-29 во СЦ „Јане Сандански“.

Се вчитува...