Во помалку невообичаен амбиент во СЦ „Јане Сандански“, каде што вообичаено е гостин на градскиот ривал Вардар, Металург денеска (17 ч.) ќе го пречека Татран Прешов во третиот натпревар од Ц групата во Лигата на шампионите. Поради зафатеност на СЦ „Борис Трајковски“, „металурзи“ привремено ја користат салата во Аеродром. Во Металург очекуваат добар натпревар и можеби, први бодови во ЛШ, иако фаворитската улога е на страната на противникот.
Младиот состав на Металург кој се соочи и со дополнителни пехови на стартот од сезоната, има два порази во првите два натпревари, со Спортинг во гости и со Бешикташ на домашен терен. Евидентен е потенцијалот на ракометарите од новата генерација под водство на Данило Брестовац, но и недостатокот на сила и искуство да издржат во ист ритам 60 минути. Целата, како што вели бекот Марио Танкоски, е да се избегнат „црните“ пет минути во кои паѓаше Металург на претходните натпревари.
“Играме со еден од главните фаворити за првите две места во нашата група. Во последно време забележаа добри резултати и играат добар ракомет. За нас е важно да ги избегнеме оние црни пет минути во второто полувреме. Ако ги избегнеме тие лоши минути можеме да се надеваме на добар резултат за нас“ – истакнува Танкоски.
Татран Прешов по првите две кола изненадувачки изби на лидерската позиција во групата Ц со две победи против Бешикташ и против Силекборг. Во таборот на словачкиот шампион кој од клупата го предводи Славко Голужа, се надеваат дека ќе ја продолжат победничката серија.
“Нема да биде едноставен натпревар. Во Скопје без разлика дали играте против Вардар или Металург, секогаш е тешко да се игра. Ние сакаме да продолжиме со добрите игри во групата и да освојуваме бодови и на гостинските мечеви, како што тоа го направиме во Турција против Бешикташ. Мораме да бидеме внимателни и да го дадеме најдоброто од себе, за да оствариме поволен резултат. Знаеме дека Кузмановски го напушти клубот, но затоа Металург го има опасниот Јагањац. Дефинитивно немаат тим како во минатото, но не смееме да ги потцениме и мораме да бидеме сериозни до крајот“ – вели левото крило на Татран Прешов, Јакуб Хрстка.
Во другите два натпревари од 3.коло во Ц групата во ЛШ, Бешикташ на гостувањето во Русија славеше против Чеховски медведи (22-24), а гостинска победа забележа и Силкеборг против Спортинг (32-35).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА