„Металурзи“ на гости кај Прибак во Турција

Ракометарите на Металург денеска (14 ч.) му гостуваат на Бешикташ во натпреварот од 8.коло во групата Ц од Лигата на шампионите. На три кола пред крај на групната фаза овие две екипи се на дното на табелата без шанси за пласман во плеј-офот за место во осминафиналето во ЛШ, па оттаму и денешниот натпревар е без резултатска важност за конечниот пласман.

„Металурзи“ имаат само една победа во ЛШ сезонава, со најмногу примени и најмалку постигнати голови и најголема разлика во елитното натпреварување од 43 гола во минус.

Бешикташ е едно место погоре со една победа повеќе од Металург. Турскиот првак во чиј состав е македонскиот репрезентативец, Немања Прибак, на првиот натпревар во Скопје го победи Металург со 22-30 и има три победи од исто толку меѓусебни дуели со македонскиот вицешампион.

По исцрпувачкиот ритам со три натпревари во пет дена, избраниците на Данило Брестовац имаа осум дена пауза во настапите и можеа да здивнат и да се подготват за денешниот дуел во Измит.

По гостувањето во Турција, на Металург му преостануваат уште два “европски“ натпревари – дома со Силкеборт и завршното гостување во Словачка против Татран Прешов.

Се вчитува...