Мец ја почувствува моќта на Вардар

Ракометарките на Вардар продолжија со низата добри игри во Лигата на шампионите и на отворањето од главната рунда, откако вечерва во рамките од првото коло лесно и убедливо го совладаа тимот на Мец со резултат 29-23. Свесни дека имаат против себе незгоден ривал од кого лани загубија со убедливи 42-28 во Франција, “вардарки“ одиграа максимално фокусирано, целосно го контролираа ритамот на натпреварот и заслужено стигнаа и до седмата победа во низа во елитното европско натпреварување.

Како решавачка се покажа цврстата одбрана на македонскиот првак во првото полувреме, кога „црвено-црните“ не им дозволуваа на гостинките од Франција да создадат чиста позиција за гол, а и оние шанси што ги имаа најчесто ги бранеше Лејно. Ваквиот развој на настаните придонесе „вардарки“ уште од самиот почеток да се одлепат резултатски, па на одмор да заминат со водство од 15-9.

Мец заигра далеку подобро во нападот во првите десетина минути од второто полувреме, кога гостинките од Франција ја преполовија предноста на македонскиот клуб. Резултатот неколку минути гласеше 19-16, „вардарки“ го издржаа тој налет на Мец, по што одново влегоа во темпото што го посакуваат и експресно ја зголемија својата позитива (28-20). На крајот натпреварот заврши со конечни 29-23, за потврда на високите амбиции на Вардар и во оваа сезона, за која „црвено-црните“ се надеваат дека конечно ќе им донесе среќа и искачување на тронот на ракометна Европа.

Лејно беше во главна улога со 17 успешни интервенции, додека во нападот Цвијиќ постигна седум, а Пенезиќ шест погодоци за „вардарки“.

Ракометарките на Вардар во второто коло од главната фаза во Германија ќе му гостуваат на тимот на Битигхајм.

Се вчитува...