Михајлов: Овој сребрен медал за мене е со златен сјај

Тренерот на Силекс, Горазд Михајлов после Куп финалето во кое неговиот тим загуби на пенали од Македонија ЃП, кажа дека е задоволен од играта на својот тим и дека е горд на момците.

Тој напомена дека добиениот медал е сребрен, но за него тој е со златен сјај, поради играта која ја прикажале неговите играчи.

„Тешко е да се зборува после пенали, пеналите се лотарија, но тоа што го замислував како ќе оди натпреварот, беше така. Ја имавме најзрелата шанса и не ја искористивме. Но, мораме да бидеме задоволни од ова што го направивме. Честитки на Македонија ЃП за трофејот, беа посреќни во тој пенал рулет. Сите натпревари ги минаа на пенали и во ова финале среќата беше наклонета кон нив. Можам да кажам дека овој медал што го држам е сребрен, но е со златен сјај. Затоа што покажав и докажав со Силекс, да играме во прва лига, во финале. Некогаш се губат мечеви, но денеска тоа го направив одлично во тактичкиот дел, а пеналите се рулет. Ни претстои одмор, и момците ќе го искористат максимално, а потоа не очекува настап во Прва лига“, рече Михајлов.

Михајлов го коментираше македонскиот фудбал во целина и сметаше дека треба да се форсираат млади домашни играчи, и да се обрати внимание на какви странци се ангажираат во клубовите.

„Некогаш на вакви натпревари влогот е голем за двата тима. Во македонскиот фудбал генерално за клубовите, имаше правило да играат играчи до 21 година, верувајте дека и таму играат квалитет, но кога барате да играат играчи до 21 година, треба да им се даде шанса и во репрезентацијата. Тие играчи се перспективата, и треба да се води сметка какви странци има во нашата лига. Треба да удриме акцент на нашите млади играчи, а странците треба да ја прави таа разлика“, вели стратегот на Силекс.

Се вчитува...