Михаљевиќ ја спушти ролетната, Пролет го преслуша Еурофарм Пелистер 2

Ракометарите на Пролет забележаа импресивна победа од 22-12 на првиот меч од турнирот „Миле Нешкоски“ што се одржува во Прилеп. Цврстата одбрана беше рецепт за победа, а особено импресивен беше голманот Данило Михаљевиќ, кој покажа дека е максимално подготвен за предизвиците во новата натпреварувачка сезона, како впрочем и целиот тим кој покажа беспрекорна колективна игра против ривалот што знаеше да биде незгоден за Тинекс Пролет во претходните две сезони.

Пролет покажа извонредна игра во одбраната од самиот почеток на мечот, што овозможи избаниците на Лембанов уште во раната фаза да поведат со 5-1. За беспрекорната дефанзива најдобро говори фактот дека противникот за дваесет минути игра постигна само три гола, а Тинекс Пролет поведе со 9-3. Удобното водство беше задржано до крајот на полувремето, па по првите 30 минути скопскиот тим имаше постигнато двојно повеќе погодоци од противникот (10-5).

Голманот Михаљевиќ продолжи со извонредни одбрани и на самиот почеток од второто полувреме, во кое за десет минути прими само еден гол, а предноста на Пролет скокна на „плус девет (15-6). Беспрекорното издание овозможи во 47. минута да се стигне и до првото двоцифрено водство на мечот (18-8). На голот потоа застана Андреј Петковски, кој продолжи по рецептот на Михаљевиќ, и самиот нанижа неколку извонредни интервенции и овозможи мечот да заврши со двоцифрена победа на Тинекс Пролет, изразена со конечни 22-12.

Пролет утре во рамките на второто коло од турнирот во Прилеп во 19 часот ќе се сретне со тимот на Кокс, повеќекратен шампион на Финска.

Се вчитува...