Мијајловиќ: Охрид ќе игра убава кошарка, во Македонија сум како дома

Игор Мијајловиќ во изминатите години настапуваше за голем број македонски прволигаши. Српскиот плејмејкер беше дел од тимот на МЗТ Скопје што стигна до првата шампионска титула, потоа беше дел и од Карпош Соколи и од Кожув, за летото да се врати назад во Македонија, овојпт во дресот на Охрид.

„И откако си заминав, во последните години ги следев состојбите во мак-баскетот и добро знам што се случуваше. Можам да кажам дека во Македонија се чувствувам како дома, со некои соиграчи веќе имам играно од претходно, а дел од нив имав за ривали. Мотивиран сум за предизвикот што е пред мене и новиот клуб“ – изјави Мијајловиќ.

Српскиот кошаркар е оптимист дека со Охрид повторно ќе биде дел од самиот врв на мак-баскетот.

„Разговарав со тренерот Илиевски и кај мене немаше дилема за повторно да се вратам во Македонија. Доаѓам во клуб со сериозни амбиции, каде се доведени кошаркари кои имаа важни улоги во своите клубови. Тимовите на Илиевски секогаш играле убава кошарка, што мене лично ми беше важно, па затоа и експресно се договорив со управата на Охрид. Оптимист сум, имаме идеални услови за тренинг, работиме напорно и мислам дека ако продолжиме во ист ритам, чекор по чекор ќе дојдат и добри резултат. Тимот на Охрид е спој на младоста и искуството, добро сме покриени на сите позиции и верувам дека ќе бидеме подготвени кога ќе почнат вистинските предизвици“ – порачува Мијајловиќ.

Се вчитува...