„Мијески“ ги чека нашите херои: Да го паметиме по историски успех

Ова е денот што го чекавме…со денови, со години. Фудбалската репрезентација на Македонија до 21 година за првпат во историјата ќе биде дел од Европско првенство.

ЕКИПА е во Гдиња, и веќе го испроба стадионот „Мијески“. Убаво фудбалско здание, како кутивче, со капацитет од околу 15.500 гледачи. Се надеваме дека ќе им биде таличен на македонските фудбалери и на селекторот Благоја Милевски. Дефинитивно ќе биде запишан во историјата, како стадион каде Македонија ќе го одигра првиот меч на европските шампионати.

stadion mijeski 2

Противникот е од врвна класа. Шпанија е четирикратен првак во оваа конкуренција на селекции до 21 година, а селекторот Алберт Селадес донесе во Полска фантастичен состав, кој има аспирации да го освои трофејот.

Но, тоа не треба да ги плаши македонските фудбалери. Тие се веќе наши херои, со самиот пласман на овој континентален собир на најдобрите селекции направија огромен успех. Го заслужија со својот квалитет, со одличните игри во квалификациите. Го знаат тоа Франција, Исланд, Украина…

Не сме во позиција да и се ’закануваме’ фудбалски на Шпанија, но на околу четири часа пред почетокот на историскиот прв меч за Македонија на европските фудбалски првенства можеме да им посакаме многу среќа, и само да продолжат да бидат тоа што беа и во квалификациите. Да не признаваат фаворити и да веруваат максимално во сопствените можности. Со гордост да го носат дресот со националниот грб. Затоа што сме уверени дека ќе ’гинат’ за секоја топка, и дека ќе сторат се за да им го загорчат животот на фаворизираните Шпанци.

Се вчитува...