Кошаркарите на Пелистер се максимално мотивирани пред денешното куп-финале со МЗТ Скопје (18 часот, сала „Боро Чурлевски“ во Битола).
Битолчани сезонава веќе два пати го совладаа актуелниот првак, што дополнително им ја крева самодовербата пред денешниот меч за трофејот.
„Сезонава одигравме три средби со МЗТ во Првата лига и во АБА2 и забележавме две победи. Можам да кажам дека овој тим ни лежи како ривал, играме традиционално добро против нив. Ќе биде голема борба, вистинско финале, но очекувам ние да стигнеме до победата во полна сала, пред нашите верни навивачи и да го донесеме првиот трофеј во историјата на Пелистер“, изјави Стефан Мијовиќ.
Црногорскиот интернационалец во дресот на Пелистер се осврна и на синоќешната победа над Еуро Никел со која беше обезбедено првото куп-финале за битолчани по пауза од дури 15 години.
„Полуфиналето беше многу напнато, сосема вообичаено кога станува збор за завршница од купот. Во почетокот бевме малку во грч, но како што одминуваше времето така добивавме на сигурност, почнавме да ја движиме подобро топката, погодивме важни шутеви и тоа придонесе да се одлепиме резултатски и да стигнеме до победата, заедно со добриот скок што го имавме во текот на целиот меч“, прокоментира Мијовиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА